Свет Свет Трамп најави можност „нешто да се постигне“ околу Парискиот договор

Трамп најави можност „нешто да се постигне“ околу Парискиот договор

Американскиот претседател, Доналд Трамп, кој е во посета на Франција, на денешната заедничка прес-конференција со својот домаќин, францускиот претседател Емануел Макрон, најави дека „нешто може да се постигне“ во врска со Парискиот договор за климата, но не прецизираше што.

„Нешто може да се случи во врска со Парискиот договор, но ајде да видиме што ќе биде тоа. За тоа ќе разговараме во престојниот период и ако се случи тоа, ќе биде одлично. Ако не се случи, и тоа ќе биде во ред исто така“, рече Трамп.

Американскиот претседател на почетокот на минатиот месец соопшти дека САД се повлекуваат од Парискиот договор за климатските промени од 2015 година бидејќи, како што рече, договорот е штетен за американската економија и побара нов договор.

Францускиот претседател, Емануел Макрон, на прес-конференцијата изјави дека со Трамп разговарал за ситуацијата во Сирија и во Ирак. Тој наведе дека неговата земја и САД бараат од дипломатите во следните недели да договорат конкретна иницијатива за ставање крај на насилствата во Сирија и за иднината на оваа земја.

Пред состанокот со Трамп, францускиот претседател имаше средба со германската канцеларка Ангела Меркел, на која двајцата констатирале дека е „важно да се одржуваат здрави врски со Трамп“.

Меркел повтори дека Европа мора да ја преземе судбината во свои раце по безбедносните и одбранбените прашања, но во исто време наведе и дека е потребна блиска соработка со САД и покрај сите разлики во ставовите.