Македонија Предлог за цел викенд во карантин за Скопје, Штип, Куманово и за...

Предлог за цел викенд во карантин за Скопје, Штип, Куманово и за Тетово

Фото: Арбнора Мемети

Во претстојниот продолжен викенд, забрана за движење, односно полициски час, да има од четврток (4 јуни) од 21:00 часот до понеделник (8 јуни) до 05:00 часот наутро, и тоа во сите скопски општини, како и во Куманово, Липково, Штип, Тетово, Боговиње, Брвеница, Теарце, Желино и Јегуновце.

Ова е одлуката која во форма на предлог е дадена на усвојување во Владата, а која беше донесена денеска на координативниот состанок на кој учествуваа министерот Венко Филипче, членовите на Комисијата за заразни болести, претставниците на локалните центри за јавно здравје, како и претставници на Министерството за внатрешни работи, на кој се разговараше за понатамошното делување во насока на спречување на ширењето на заразата.

„Во сите останати градови, полицискиот час да трае од четврток (4 јуни) од 21:00 часот до петок (5 јуни) до 05:00 часот наутро. Останатите денови полицискиот час да започнува од 16:00 часот и да трае до следниот ден до 05:00 часот наутро“, предлагаат од Комисијата за заразни болести.

На состанокот, на претставниците на Министерството за внатрешни работи им беа укажани потешкотиите со кои се соочуваат екипите на терен во однос на пристап до луѓе за тестирање и прекршувања на мерката за самоизолација. Од службите на МВР беше побарана поголема ажурност, ефективно делување на терен, контрола и санкционирање на прекршувањата на мерките, информираат во Министерството за здравство.