Економија МТСП: Со мерката субвенцинирање на плати досега се вработени 1.346 лица

МТСП: Со мерката субвенцинирање на плати досега се вработени 1.346 лица

Фото: Арбнора Мемети

И во услови на криза, активните програми и мерки за вработување им овозможуваат на компаниите полесно да ангажираат работници, пазарот на труд функционира, вработувањата не се запрени. Над илјада работни места се поддржани само со една мерка од Оперативниот план за вработување: „Субвенционирање на плати“, а финансиската помош за новоотворените работни места досега изнесува 302.556.000 денари, соопшти Министерството за труд и социјална политика (МТСП).

Агенцијата за вработување досега распишала два јавни огласи за оваа мерка, на почетокот на март и кон крајот на месец мај. Потпишани сe договори со 1.042 компании за вработување на вкупно 1.346 лицa. Со двата огласи се поддржани вработувања на 663 лица до 29-годишна возраст и на 663 жени, информираат од МТСП. Кај субвенционирањето на плати, поддршката може да биде 3, 6 или 12 месеци.

Од ова министерство велат дека се субвенционира бруто плата од 19.000 денари по лице. Со најголемата поддршка, фирмата добива неповратни 228.000 денари за вработување на едно лице, кое работодавачот има обврска да го задржи на работа вкупно 30 месеци.

„Интересот на компаниите за нови работни места со користење на субвенциите на плата ги надмина првично планираните средства и опфат на корисници. Затоа, Агенцијата за вработување ќе објави нов оглас. Искористеноста на мерките од Оперативниот план за вработување покажува дека се тие добро дизајнирани и насочени кон поддршка на невработените и компаниите“, соопшти МТСП.