Свет Балкан Грујичиќ: Неколку пациенти повредени во двата масакра во Србија се во животна...

Грујичиќ: Неколку пациенти повредени во двата масакра во Србија се во животна опасност

Повредените во престрелката кај Младеновац и Смедерево, кои се во Клиничкиот центар, две девојчиња, се во животна опасност. Девојката која имаше повреда на главата, иако постоперативниот скенер е навистина одличен, за жал ѝ е оштетено левото око, рече српската министерка за здравство

Фото: Принтскрин, РТС

Српската министерка за здравство Даница Грујичиќ во гостување на утринскиот дневник на Радоиотелевизија Србија (РТС) изјави дека двајца пациенти повредени во масовното пукање кај Младеновац и Смедерево се во критична состојба. Таа посочи и дека девојчето кое било примено по пукањето во ОУ „Владислав Рибникар“ сè уште е во критична состојба и е витално загрозено.

Пациентите сместени во смедеревската болница се надвор од животна опасност.

„Повредените во престрелката кај Младеновац и Смедерево, кои се во Клиничкиот центар, две девојчиња, се во животна опасност. Девојката која имаше повреда на главата, иако постоперативниот скенер е навистина одличен, за жал ѝ е оштетено левото око, куршумот останал таму. Таа сè уште е седирана, па не можеме целосно да ја процениме нејзината состојба додека не почнеме да ја будиме“, рече Грујичиќ.

Според неа, девојката која имала повреда на подлактицата е во добра состојба.

„Таа е фантастична. Тоа дете е неверојатно, таквите луѓе секогаш не прават среќни, психата на тоа девојче е неверојатна и навистина ѝ посакувам брзо закрепнување. Се развива роботиката и сè останато, таа ќе може да ја користи раката“, истакна министерката.

Таа рече дека во критична состојба е девојчето кое имаше повеќе абдоминални повреди, и посочи дека денеска ќе и биде извршена нова интервенција.

Двете момчиња кои биле повредени во пукотницата во ОУ „Владислав Рибникар“, а кои имале повреди на меките ткива, вчера се пуштени дома.

Во два масакра во Србија што се случија неделава се убиени 17 луѓе. Во средата 13-годишно момче застрела и уби осум ученици и обезбедувач во училиштето „Владислав Рибникар“ и рани шест ученици и наставник. Еден ден подоцна, 21-годишно момче уби осум лица, а рани 14 кога пукаше врз жители на неколку села во околината на Младеновац и Смедерево.