Дигитални права Дигиталното поврзување на Западен Балкан ќе биде финансирано со 200 милиони евра...

Дигиталното поврзување на Западен Балкан ќе биде финансирано со 200 милиони евра од ЕУ

Заклучоците од првиот Дигитален Самит, што пред еден месец се одржа во Скопје, веќе се дел од агендата на Европската Унија, информираат од министерството за информатичко општество и администрација.

„Еврокомесарот за проширување Јоханес Хан, од самитот на ЕУ и Западен Балкан, информираше дека иницијативите за дигитална агенда и поголема поврзаност во регионот ќе бидат финансирани со повеќе од 200 милиони евра. Во фокусот на овие мерки е намалување на трошоците за роаминг, подобрување на широкопојасниот интернет, развој на е-Влада како и дигитализација на индустријата“, се вели во соопштението на МИОА.

Од таму додаваат дека МИОА по повод 17 мај, Меѓународниот ден на телекомуникации и информатичко општество, уште еднаш се обврзува на реализација на сите најавени активности во областа на информатичкото општество.

„Во наредниот период ќе ги објавиме националните стратегии за широкопојасен интернет и за сајбер безбедност, а до крајот на годината ќе ја објавиме и долгорочната стратегија за ИКТ“, се додава во соопштението.

Во август, МИОА ќе ги пушти во употреба националниот портал за е-услуги, и новиот портал за отворени податоци.

„Тоа што е од особена важност за сите граѓани е дека конечно услугите ги носиме до нивните домови. Најчесто бараните докуметни, граѓаните ќе можат да ги добија по електронски пат, брзо, едноставно и ефтино. Преку дигитализација и професионализација на администрацијата, конечно граѓаните ќе добијат институции кои се нивен сервис и одговараат на нивните потреби и барања“, велат од МИОА.