Свет Балкан Автобуската несреќа на „Беса транс“ со 45 жртви главна вест во светските...

Автобуската несреќа на „Беса транс“ со 45 жртви главна вест во светските медиуми

Принтскрин: bbc.co.uk

Несреќата во соседна Бугарија ноќеска, кога во пожарот на автобус на „Беса транс“ од Рашче, Скопје, животите ги загубија 45 лица е во главните вести на најпознатите и највлијателните светски медиуми и на новинските агенции.

Ројтерс, АФП, Дојче Веле, Си-Ен-Ен, Би-Би-Си во сервисите на англиски јазик известуваат за големата несреќа, изнесувајќи ги фактите и наводите за несреќата пласирани преку медиумите во Северна Македонија и во Бугарија.

Вестите со часови стојат на главните страници на некои од највидните медиуми.

Скриншот од CNN на англиски јазик

„12 деца меѓу 45-те луѓе што загинаа во пожар во автобус во Бугарија“, е насловот на веста на Си-Ен-Ен, која се повикува и на Ројтерс.

Би-Би-Си во насловот на својата главна вест пишува за десетици загинати во автобуска несреќа на автопат во Бугарија, наведувајќи дека „најмалку 46 лица, од кои 12 деца, загинале кога се запалил автобусот што се враќал кон Северна Македонија“.

Скриншот од сервисот на Дојче Веле на англиски јазик

Со наслов: „Бугарија: Во автобуска несреќа, десетици загинати“ излезе и Дојче Веле во својот сервис на англиски јазик.

Вестите за несреќата во која загина речиси цел автобус патници – освен седуммина што се спасија – и понатаму добива нови дополнувања на информациите, пренесувајќи ги извештаите на македонските и бугарските медиуми, како и на клучните органи на двете држави.