Македонија За еден месец просечно 12,8 отсто од тестирањата се нови случаи на...

За еден месец просечно 12,8 отсто од тестирањата се нови случаи на ковид-19

Граѓани на Камениот мост во Скопје | Фото: Арбнора Мемети

Просечно, 12,8 проценти од дневните тестирања кои ги направиле граѓаните во периодот од 11 јуни до 13 јули биле нови случаи на ковид-19. Најмногу позитивни случаи од тестирањата се регистрирани на 14 јуни и 28 јуни, и тоа 20,8 односно 20,2 отсто.

Во овој период направени се вкупно 38.831 тестирања и регистрирани 4.872 новозаразени со корона вирус. За еден месец, битката со вирусот ја загубија 221 граѓанин, а оздравеа 2.663 лица.

Министерството за здравство информираше дека во периодот од 6 до 12 јули од корона вирус оздравеле рекорден број, 1.017 лица, кои биле хоспитализирани или на домашно лекување. Меѓутоа, гледајќи наназад, во последниот месец секојдневно се евидентираат троцифрени бројки на нови случаи со ковид-19.

„Мета.мк“ и претходно пишуваше дека додека континуирано расте бројот на ковид-19 дијагностицирани, полицијата евидентира мал број прекршоци за носење заштитна маска на лицето. Носењето заштита, држењето дистанца и дезинфекцијата на рацете се трите мерки за кои апелираат здравствените власти да се почитуваат, не само кај нас туку и во целиот свет.