Главна секција Воведувањето комбиниран билет за воз и јавен превоз ќе почека на надминување...

Воведувањето комбиниран билет за воз и јавен превоз ќе почека на надминување на корона кризата

Фото: Арбнора Мемети

Ковид-19 кризата е причина за прекинување на сите контакти меѓу Градот Скопје и Железници на РСМ-Транспорт околу можноста за воведување на комбинираниот билет за воз и јавен превоз, како и други поволности за патниците што ги користат овие средства за масовен превоз. Од Град Скопје за „Мета.мк“ информираат дека вработените во нивниот Сектор за сообраќај имале контакт со Железници на РСМ-Транспорт за усогласување на возните редови на патничките возови и на јавниот превоз, но ситуацијата со ковид-19 кризата ги прекинала сите понатамошни контакти.

Од Град Скопје објаснуваат дека нивното ЈСП и државната железничка компанија се два различни оператори, така што постои потреба од меѓусебно усогласување со технички протоколи, како и усогласување и донесување на правни акти кои би овозможиле воведување на комбиниран билет за патување со воз и јавен превоз. Во моментов не постои временски термин во кој би се реализирале ваквите административни процедури.

И од Железници на РСМ – Транспорт за „Мета.мк“ веќе нагласија дека тие се заинтересирани за воведување на една ваква поволност за граѓаните, но дека постојат предуслови што треба допрва да се решат.

– За воведување на комбиниран билет на меѓуградскиот железнички превоз на патници и градскиот автобуски превоз, треба да се изготви студија за условите, оперативните и техничките можности за реализација на овој проект – велат од Железници на РСМ – Транспорт.

„Мета.мк“ веќе пишуваше дека бројките на превезени патници со јавен превоз во Скопје, но и со патничкиот железнички сообраќај во земјава во континуитет опаѓаат. Различни експерти во неколку наврати за нашиот медиум нагласија дека властите треба меѓусебно да соработуваат за да се воведат нови поволности за патување на граѓаните, како би можело да се запре трендот на опаѓање на бројот на патници во јавниот превоз и возовите.

Комбинираниот билет за воз и јавен превоз би бил најмногу користен од граѓаните од приградските населби на Скопје, како и од блиските градови Велес, Куманово и Тетово кои секојдневно патуваат до и од главниот град. Бидејќи не постои ваква поволност, на пример, граѓаните на Велес кои секојдневно патуваат на работа, училиште или за друга потреба во Скопје, плаќаат одделен месечен билет од 2.450 денари на Железници на РСМ-Транспорт, како и посебен месечен билет од 1.600 денари на ЈСП-Скопје, како би можеле да стигнат до посакуваната дестинација. Истото се однесува и за оние граѓани кои поретко патуваат, но се приморани да купат одделни возни билети за јавен превоз и за воз за да стигнат до посакуваната дестинација.