fbpx

Комбиниран билет за воз и јавен превоз нема, дивите таксисти со полни раце работа (инфографик)

-

Нема никакво придвижување од надлежните власти за воведување на комбиниран билет за воз и јавен превоз, којшто би го користеле граѓаните кои секојдневно патуваат меѓу Скопје и околните градови Велес, Куманово и Тетово. Од Железници на РСМ-Транспорт за „Мета.мк“ информираат дека досега немале разговори со Град Скопје и ЈСП-Скопје околу можноста за воведување на комбиниран билет за воз и јавен превоз во главниот град.

– Во повеќето поразвиени земји од ЕУ комбиниран билет за воз и јавен превоз е воведен во големите градови каде постои и градска железница. Во тој случај истиот билет важи за било кој тип на јавен превоз што се одвива во градот. За воведување на комбиниран билет на меѓуградскиот железнички превоз на патници и градскиот автобуски превоз, треба да се изготви студија за условите, оперативните и техничките можности за реализација на овој проект – велат од Железници на РСМ – Транспорт.

Ваквата студија не само што не е изработена, се чини дека нема ниту волја за воведување на комбинираниот билет. Од ЈСП-Скопје и од Град Скопје побаравме одговори на прашањето дали планираат да го воведат комбинираниот билет и какви активности преземаат за да се воведе новата поволност за граѓаните, но до денешен ден не добивме одговори.

Во меѓувреме, бројките на превезени патници и со јавен градски превоз во Скопје, но и со патничкиот железнички сообраќај во континуитет опаѓаат. За да може да стигне на работа или на школо некој од Велес, треба да плати одделен месечен билет од 2.450 денари на Железници на РСМ-Транспорт, како и посебен месечен билет од 1.600 денари на ЈСП-Скопје за да може секојдневно да стигне до посакуваната дестинација.

Поради ова, дивите таксисти имаат полни раце работа и постојано расте бројот на патници што го користат ваквиот превоз меѓу Скопје и околните градови. Дивите таксисти се флексибилни, многу често возат до крајната дестинација што ќе ја побараат патниците, и тоа по конкурентни цени. И споделувањето места во автомобили има исто така зголемен тренд на користење кај граѓаните кои патуваат меѓу овие градови.

Како резултат на ова, статистичките податоци покажуваат континуирано намалување на бројот на патници што патуваат со воз. Во 2011 година од железничките станици во Велес со воз отпатувале 477.000 патници, а лани ова превозно средство го користеле само 162.000 патници. Опаѓање на бројот на патници има и кај ЈСП-Скопје, па така во 2015 година 52,9 милиони патници биле превезени во скопскиот јавен превоз, а минатата година тој број опаднал на 44,2 милиони патници.

Заедно со опаѓањето на интересот за користење на јавниот превоз и патничките возови, растат или потребите за дополнителни субвенции за одржување на превозот кај ЈСП-Скопје или натрупувањето долгови кај Железници на РСМ-Транспорт, кои пак секоја година добиваат субвенции од Градот Скопје и од Министерството за транспорт и врски.

Покрај тоа што не е воведен комбиниран билет за јавен превоз и воз, „Мета.мк“ веќе пишуваше дека граѓаните не можат да го транспортираат својот велосипед во патничките возови и јавниот превоз во Скопје, а нема ниту паркинзи и можности за изнајмување велосипеди на автобуските стојалишта и железничките станици. Интегрирањето на овие видови транспорт и воведувањето на нови поволности за граѓаните се единствената можност за пораст на бројот на патници, сметаат експертите.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Бујар Османи не ги прекинува предизборните активности

Од објавените наслови се добива впечаток дека Османи се откажува од претседателската трка, а вистината е дека поради здравствени семејни причини ги откажа предизборните активности на 16 април. Но,...