Македонија Во Тетово престануваат да важат мерките за заштита од загаденост

Во Тетово престануваат да важат мерките за заштита од загаденост

Фото: Арбнора Мемети

Во Тетово престануваат да важат мерките за заштита од загаденост на воздухот, бидејќи PM-10 честичките се под дефинираниот праг, информираат од владината прес – служба.

Согласно податоците од Државен автоматски мониторинг систем за квалитет на воздух (ДАМСК) за ден 27 јануари (понеделник), средно – дневните концентрации на РМ-10 се под дефинираниот праг на алармирање од 175 микрограми на метар кубен и епизодата на висока загаденост од два последователни дена е прекината во Тетово. 

„Со тоа престануваат да важат мерките во случај на надминат праг на алармирање за PM-10 честички за Тетово“, соопштија од владата.

Во меѓувреме, во главниот град продолжуваат да важат мерките за бесплатен јавен превоз и за двојно поскапо паркирање на паркинзите под надлежност на ЈП „Градски паркинг“. Скопските градски власти денес ги прекинаа и сите градежни активности на градилиштата под своја надлежност. Вонредната состојба за Скопје и Тетово ја прогласи владата во текот на вчерашниот ден, по што Градот Скопје излезе со вонредни мерки против аерозагадувањето.