Подглавна секција Во нередите во Казахстан убиени 16 полицајци и војници

Во нередите во Казахстан убиени 16 полицајци и војници

Протести во градот Актобе на 4 јануари 2022. Фото: Wikimedia Commons

Според соопштеното денеска од власта во Казахстан, во досегашните нереди се убиени 16 полицајци и војници, а 1.300 се повредени. Безбедносните сили уапсиле околу 6.000 луѓе, извести руската новинска агенција Итар-Тасс.

Меѓу уапсените има и значителен број странски државјани.

„Покренати се 125 кривични постапки, а приведени се 5.800 луѓе“, се дознава од соопштението од кабинетот на претседателот на Казахстан, Касим-Жомарт Токаев.

По барање на претседателот на земјата, на критични локации во Казахстан се распоредени сили на Организацијата на договорот за колективна безбедност, која е формирана и раководена од Русија.

Нередите во Казахстан почнаа по Нова година со протести против поскапување на гасот, но потоа се насочија директно против власта. Најсериозните судиири меѓу демонстрантите и безбедносните сили се случија во најголемиот град Алмати. И во него и во бројни други населени места имаше директни судири на демонстранти со безбедносните сили, односно војската и полицијата, како и многу опожарувања, оштетени објекти и оштетени и уништени возила.

Според она што вчера го соопшти македонското министерство за надворешни работи (МНР), тоа преку македонската амбасада во Нур–Султан е во постојана комуникација со нашите државјани кои се наоѓаат во земјата.

„Засега само двајца наши државјани се обратиле до амбасадата, поради ситни потреби на чие барање е веднаш одговорено; но, ниту еден од спонематите не се наоѓа во загрозена состојба. Остануваат во сила препораките упатени до граѓаните на Северна Македонија да не патуваат во Казахстан, а оние кои во моментот се наоѓаат во земјата да не ги напуштаат објектите каде што се сместени и да избегнуваат собири на јавни локации поради влошената безбедносна состојба“, соопшти македонското МНР.