Главна секција Украина нема да се предаде во битката за Мариупол, четворица загинати во...

Украина нема да се предаде во битката за Мариупол, четворица загинати во Киев

Бомбардирање на трговски центар во Кијив; Извор: Укринформ, фотографии од украинските официјални власти

Украинските власти го одбија рускиот ултиматум за предавање на пристанишниот град Мариупол кој се наоѓа во јужниот дел на земјата кај Азовското море. Украина доби ултиматум од руската војска до три часот наутро да ги прифати условите, кои предвидуваат украинските вооружени сили да го положат оружјето и да се предадат. Во ваков случај, руското ветување е дека на цивилите ќе им биде дозволено да се извлечат од опколениот град, јавува Би-би-си.

Инаку, Мариупол веќе со недели е цел на гранатирање на руската војска, а заедно со уличните борби што се водат, доведоа до уништување на речиси целиот град. Доколку го освоjат овој град, Би-би-си пишува дека руските сили ќе ја остварат целта за копнено спојување на анектираниот полуостров Крим со отцепените региони Донецк и Луганск.

Украинската вицепремиерка Ирина Верешчук изјави дека Украина нема да престане да го брани Мариупол, додавајќи дека предавање и положување оружје не доаѓаат предвид. Украинските сили рекоа дека немаат намера да го предадат стратешкиот град Мариупол, којшто е значајно пристаниште на брегот на Азовското море.

Во меѓувреме, Укринформ јавува дека најмалку четири лица загинале во Киев откако се запалил трговски центар по гранатирањето од страна на руската војска. Според последните податоци на УНХЦР, во војната во Украина досега загинале 902 цивили, додека 1.459 биле повредени. Меѓу нив се и 60 деца. Украинските власти тврдат дека бројот на загинатите деца е поголем и се искачил на 115.

Изминатава ноќ руската војска гранатирала воен центар за обука во регионот Ривне, додека во хемиска фабрика во Суми од гранатирањето бил оштетен резервоар полн со амонијак. Во Луганскиот регион, во градовите Севернодонецк, Рубижне и Попасна биле гранатирани 12 станбени згради, но не се пријавени загинати лица.

Како резултат на воената агресија на Русија врз Украина, над 3 милиони лица се одлучија да ја напуштат својата татковина како бегалци во европските земји, јавува Укринформ.