Македонија ЦК на ВМРО-ДПМНЕ: Мисовски и Мухиќ ги испровоцираа граѓаните и мора кривично...

ЦК на ВМРО-ДПМНЕ: Мисовски и Мухиќ ги испровоцираа граѓаните и мора кривично да одговараат

Централниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ вечерва одржал седница на која се расправало за актуелната политичка состојба, информираат од партијата.

Оттаму велат дека централниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ го осудил нелегалниот обид за избор на претседател на Собранието, кој, според партијата, претставува насилство врз институциите, пред сè Уставот, законите и пропишаниот деловник.

„Непочитувањето на Уставот е непочитување на државата Македонија и може да претставува опасен вовед во нова практика на девалвирање на државата и на институциите. Централниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ го осуди и шверцерското и нелегално постапување на пратениците Горан Мисовски и Ферид Мухиќ, кои со своите незаконски дејства испратија провокација кон граѓаните на Македонија и тие за ваквото однесување мора кривично да одговараат. Само строгото казнување на ваквото антидржавно однесување ќе спречи да се повторува газењето врз Уставот и законите“, се вели во соопштението.

Во него се додава дека обидот за воспoставување „нелегални институции“ би направил преседан кој во иднина може да се злоупотреби и да стане вообичаена практика, а на тој начин да се суспендира волјата на граѓаните изразена на изборите.

„Централниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ испраќа апел до СДС и до неговото раководство јасно, недвосмислено и во целост да се откаже од тиранската платформа, создадена, промовирана и прифатена во соседна држава“, се додава во соопштението.