Свет Балкан Советот за безбедност на ОН ги повика Белград и Приштина да го...

Советот за безбедност на ОН ги повика Белград и Приштина да го продолжат дијалогот

Советот за безбедност на Обединетите нации денеска ги повика Белград и Приштина да го продолжат дијалогот на политичко ниво, со оценка дека и понатаму постојат бројни предизвици кога е во прашање безбедносната ситуација на Косово.

На денешната седница, на која бил претставен извештајот на генералниот секретар на ОН, Бан Ки-мун, за работата на УНМИК, амабасадорот на Русија во ОН, Виталиј Чуркин, изјавил дека Приштина не го исполнила клучниот услов за формирање на заедницата на српски општини (ЗСО) и изразил загриженост поради договорот на Косово за демаркација на границата со Црна Гора. Тој оценил дека ситуацијата на Косово останува нестабилна, како и нивото на безбедост.

Претставничката на Соединетите Американски Држави (САД), Мишел Сизон, навела дека напредокот во нормализацијата на односите е бавен и ги повикала Белград и Приштина да го спроведат договореното. Според неа, лидерите на Косово мора да соработуваат со соседите, но и да се соочат со економските предизвици и да ја засилат борбата против корупцијата.

Амбасадорот на Кина изразил надеж дека Србија и Косово ќе го продолжат дијалогот на највисоко политичко ниво за да се одржи мирот и стабилноста во регионот.

Претставникот на Велика Бритаија во ОН рекол дека постои загриженост поради застојот во дијалогот меѓу Белград и Приштина и оценил дека е потребна нова енергија за да се постигне нормализација на односите меѓу Србија и Косово.

Францускиот амбасадор истакнал дека договорите од Брисел мора што поскоро да се имплементираат, вклучувајќи го и клучниот елемент во дијалогот, формирањето на заедницата на српски општитни.