Главна секција Собранието денеска со три седници, до полноќ треба да избере влада

Собранието денеска со три седници, до полноќ треба да избере влада

Покрај втората собраниска седница, на која единствената точка е изборот на владата, во Собранието на Република Македонија денеска ќе се одржи и 21. продолжение на конститутивната седница, на која ќе се расправа за изборот на претседател, заменик на претседателот, членови и нивни заменици на Комисијата за прашања на изборите и именувањата на Собранието на Република Македонија.

Продолжението е прво на распоредот, а почнува во 10 часот. Во 11 часот ќе почне третата седница, на која ќе се расправа за предлог-одлука за основање на постојани работни тела на Собранието на Република Македонија, поднесена од пратениците Горан Мисовски, Ејуп Аљими и Илија Димовски, односно на комисиите.

Потоа, во 12 часот ќе продолжи втората седница, почната вчера, на која најдоцна до полноќ треба да се избере владата предложена од мандатарот Зоран Заев.

Седницата почна вчера, а по образлагањето на програмата на новата влада од страна на Заев, уследи расправата во која се слушаа напади од пратеници на Беса за ДУИ и нејзините кандидати за министри, како и помеѓу СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ. Сепак, седницата ја одбележаа расправиите на претседателот на Собранието, Талат Џафери, со пратениците на ВМРО-ДПМНЕ, Илија Димовски, Антонијо Милошоски и Владимир Ѓорчев, за тоа колку може да се зборува и да се бара збор за процедурална забелешка. Џафери во еден момент доцна попладнето по неколкуминутна препирка не му дозволи на Ѓорчев да даде процедурална забелешка од говорницата.

Претседателот на Собранието, инаку, на пратениците од ВМРО-ДПМНЕ им се обраќаше главно на албански, бидејќи, како што на почетокот кажа Милошоски, тие не го признаваат за легитимен претседател, туку само како легитимно избран пратеник и му забележуваа дека не смее како спикер на законодавниот дом да зборува на албански јазик.

Во обраќањето на пратениците од СДСМ, покрај честитките до новата влада и напомените дека и тие будно ќе ја контролираат, една од главните точки беше искажаната почит кон Владимир Ѓорчев поради неговото бранење на нападнатите пратеници при насилствата на 27 април.