Дигитални права Со естонска помош, започнува проект за унапредување на дигитализацијата во земјава

Со естонска помош, започнува проект за унапредување на дигитализацијата во земјава

Фото: Влада на РСМ

Заменик-претседателот на Владата задолжен за европски прашања, Никола Димитров денеска одржа прес-конференција за претставување на проектот за унапредување на дигитализацијата во Северна Македонија, што ќе се спроведува под координација на Секретаријатот за европски прашања со финансиска поддршка од САД и Естонија и експертска поддршка од Естонскиот центар за меѓународен развој.

Димитров и претставничката на Естонскиот центар за меѓународен развој Кадри Масик потпишаа Меморандум за соработка за проектот. Тој ја истакна и важноста на процесот на дигитализација во контекст на европеизацијата на Северна Македонија.

„Особено е важно што најавената соработка со земји членки на ЕУ за носење на европските вредности дома започнува токму во областа на дигитализацијата, бидејќи создавањето успешна дигитална приказна во Северна Македонија е предуслов за напредок и во други клучни области како што е борбата против корупцијата, транспарентноста и доброто управување. Дигитализацијата одамна не е само опција, туку неопходна потреба за зголемување на приспособливоста кон современите предизвици и промените. Тоа не е само нашата иднина, туку е и нашата сегашност бидејќи дигитализацијата е мултипликатор на промените и општествениот развој,“ рече Димитров.

Амбасадорката на САД во Северна Македонија, Кејт Мари Брнз го потенцираше потенцијалот на воспоставената соработка за постигнување видливи резултати во реформските процеси во Северна Македонија и на важноста од споделување на најдобрите практики и стекнатите искуства во процесите на трансформација.

„Денес зборуваме првенствено за е-управување и дигитализација, но ова партнерство што го преземаме, се надевам, ќе генерира позитивни ефекти во широк спектар на области,“ нагласи Брнз.

Амбасадорката на Естонија во Северна Македонија, Кристи Карелсон рече дека „Естонија е светски етаблиран лидер во дигитализацијата, особено во е-управувањето што го гледаме како клучна алатка за зголемување на ефикасноста и транспарентноста на јавниот сектор и довербата на граѓаните.“

„Секогаш сме среќни да го споделиме нашето искуство за тоа што и како сме постигнале, но исто така – што можеше да се направи поинаку. Затоа, ние сме среќни што Владата на Северна Македонија ја покани Естонија да соработува во овој проект и благодарни сме на Амбасадата на САД за нивната драгоцена поддршка. Се надеваме дека ова е само почеток за долгорочна соработка меѓу Естонија и Северна Македонија, што дефинитивно ќе биде од корист за сите актери“, изјави Карелсон.