Свет Ситуацијата во сирискиот град Алепо е катастрофална, предупредуваат ОН

Ситуацијата во сирискиот град Алепо е катастрофална, предупредуваат ОН

Ситуацијата во сирискиот град Алепо е катастрофална откако десетици луѓе беа убиени во напади на повеќе цели, вклучувајќи и болница, соопштија денеска Обединетите нации (ОН).

Како што соопштија денеска од организацијата „Лекари без граници“, во напад на болница во Алепо биле убиени најмалку 27 лица, додека во други напади животите ги загубиле повеќе од 30 луѓе.

Како што пренесува „Би-би-си“, претставникот на ОН за Сирија, Стефан де Мистура, предупредил дека договорот за прекин на насилствата меѓу неџихадистичките групи и владините сили од 27 февруари сега е „едвај жив“.

Медиумите пренесуваат дека разгорувањето на непријателствата во Сирија, особено околу градот Алепо, можат да ги загрозат мировните преговори што се водат во Женева за враќање на мирот во земјата.

Локални извори велат дека нападот на болницата во Алепо бил извршен од сириски или од борбени авиони на Русија, која го поддржува режимот на Башар ал-Асад.

Сириските власти, пак, соопштиле дека 150 војници на САД пристигнале во северната сириска провинција Хасакех, со претежно курдско население, со оценка дека станува збор за „нелегитимна интервенција“.

Претседателот на САД, Барак Обама, минатата недела изјави дека тие ќе распоредат 250 војници во Сирија како помош на одредени бунтовнички групи во борбата против Исламска држава.