Свет Сириската војска убива цивили во Алепо, тврдат ОН

Сириската војска убива цивили во Алепо, тврдат ОН

Обединетите нации денеска соопштија дека сириски провладини сили почнале да влегуваат во домови во источните делови во Алепо и да ги убиваат цивилите кои ќе ги затекнат внатре, пренесува „Би-би-си“.

Од канцеларијата за човекови права на Обединетите нации, како што наведува британскиот национален сервис, изјавиле дека имаат веродостојни докази дека во четири области 82 цивили биле убиени на самото место. Портпаролот на канцеларијата на ОН навел дека состојбите на теренот се како да има „целосно отсуство на хуманост во Алепо“.

Според информациите на светските медиуми, илјадници луѓе се заробени во деловите на источен Алепо кои сè уште се под контрола на бунтовничките сили, додека во меѓувреме трае офанзивата на сириската војска, проследена со жестоки бомбардитања, за целосно преземање на деловите од градот.

Обединетите нации и Меѓународниот комитет на Црвениот крст упатија апел до Сирија и до нејзиниот сојузник Русија да прекинат со бомбардирањата и да им дозволат на цивилите безбеден коридор за излез од деловите на Алепо.

Во меѓувреме, светските агенции јавуваат дека Турција во моментов преговара со Русија за отворање на коридор за евакуирање на сириските бунтовници и на цивилите од квартовите во источен Алепо кои се под контрола на опозициските сили.

Одбраната што бунтовниците ја поставија во Алепо вчера била пробиена и сириската војска заначајно напредувала во источниот дел на градот, а опозициските броци се повлекле во неколку од преостанатите подрачја во градот.