Свет САД и Русија засега без договор за конфликтот во Сирија на Самитот...

САД и Русија засега без договор за конфликтот во Сирија на Самитот на Г20

Соединетите Американски Држави (САД) и Русија не успеаја да постигнат договор за конфликтот во Сирија на преговорите на маргините на Самитот на Г20, кој се одржува во Хангџоу, Кина. Причината, како што јавуваат светските агенции, повикивајќи се на американски извори, се големите разлики во ставовите на двете земји околу ова прашање.

Шефовите на дипломатиите на САД и на Русија, Џон Кери и Сергеј Лавров, се очекува повторно да се сретнат и да разговараат за отворените прашања за конфликтот во Сирија, изјавил неименуван американски дипломат.

САД вчера ја обвинија Русија дека направила чекор назад во врска со неколку прашања и со тоа оневозможила да се постигне брз договор за Сирија.

Главното несогласување меѓу двете земји, кои изведуваат одвоени напади на позициите на милитантите во Срија, е судбината на сирискиот претседател Башар ал Асад, кој ја има поддршката на Русија, додека САД ја поддржуваат опозацијата, која бара негово заминување од власт.

Белата куќа, како што јавуваат агенциите, соопштила дека во текот на денешниот ден се очекува средба меѓу претседателите на САД и на Русија, Барак Обама и Владимир Путин, во рамките на Самитот на Г20.