Здравје Регистрирани 55 позитивни на Ковид-19 од штипските конфекции, тестирањето на вработените продолжува

Регистрирани 55 позитивни на Ковид-19 од штипските конфекции, тестирањето на вработените продолжува

Директорката на Државниот здравствен и санитарен инспекторат, Иринка Сотирова Бухова на денешната прес-конференција соопшти дека будно се следи ситуацијата со ширењето на Ковид-19 во текстилните фабрики во Штип и правните субјекти во Тетово.

– Заклучно со 1 јуни, во Штип издадени се 55 решенија на лица позитивни на Ковид-19 за домашно лекување и самоизолација и 169 решенија на лица за здравствен надзор и изолација по однос на контакти – информираше директорката на Државниот здравствен и санитарен инспекторат, Иринка Сотирова Бухова.

До вчерашниот ден во Штип, направени се 100 тестирања, а во тек се уште 485 тестирања на вработените во штипските конфекции од каде и се кластерите со новозаразените лица.

Во Тетово пак, издадени се 8 решенија на лица позитивни за домашно лекување и самоизолација и 54 решенија за здравствен надзор и изолација по основ на контакти. До овој момент, во Тетово извршени се 70 од планираните 150 тестирања.

– Овие бројки кои ги истакнав се однесуваат само на позитивните и контактите кои се изолирани во конфекциите и правните субјекти во овие два града. Во оваа бројка не се внесени кластерите на фамилии и други позитивни лица – потенцираше Сотирова Бухова.

Директорката на ДЗСИ остро ги демантираше информациите дека во моментов се извршуваат работни дејности во гореспоменатите субјекти.

– Во овој момент таму се присутни инспектор на ДЗСИ, инспектор од трудовиот инспекторат кои потврдуваат дека во просториите на одредените конфекции се врши тестирање, односно се земаат брисеви од вработени и нивното присуството е само по тој основ – појасни директорката.