Свет Балкан „Продолжуваме со промената“ го врати мандатот, нема да преговара со ИТН на...

„Продолжуваме со промената“ го врати мандатот, нема да преговара со ИТН на Трифонов ако таа партија добие мандат

Фото: Исечок од видео од Фејсбук-страницата на претседателот на Бугарија, Румен Радев. 8 јули 2022

Партијата „Продолжуваме со промената“ (ПП) на сегашниот премиер на Бугарија во оставка Кирил Петков, вчера го врати мандатот за формирање нова влада, бидејќи не успеа да собере парламентарно мнозинство што би го изгласало предложениот коалициски владин кабинет, јави бугарскиот новински сајт mediapool.bg.

Асен Василев, кој беше номиниран за премиер и го доби мандатот од претседателот на Бугарија, Румен Радев, вчера го врати мандатот и извести дека причината за тоа е што не е обезбедена поддршка за формирање владин кабинет.

„Господине претседател, за жал ние не успеавме да собереме доволно поддршка за да ги исполниме политиките што една влада би сакала да ги реализира. Така што го враќаме мандатот неисполнет“, рече Василев вчера во 17 часот на средбата со шефот на државата.

Претходно враќањето на мандатот го најави премиерот во оставка Петков од Грција, каде учествуваше на церемонијата за завршувањето на изградбата на Меѓусистемската гасоводна врска Грција – Бугарија.

Пред состанокот со претседателот на Бугарија, Асен Василев, вицепремиер и министер за финансии досегашната влада, на прес-конференција обелодени дека партијата има поддршка од 117 пратеници, односно до 121 пратеник, колку што му беа неопходни, недостигаат четиримина.

Следна партија којашто ќе го добие мандатот е ГЕРБ на долгодишниот бугарски премиер Бојко Борисов, која пак пред извесно време најави дека ќе го врати и нема да се обидува да формира влада.

Третата партија што би можела да добие мандат за формирање влада се очекува да биде „Има таков народ“ (ИТН), на шоуменот Слави Трифонов, која е на тврда некомпромисна линија кон Македонија. Од оваа партија е и досегашната министерка за надворешни работи, Теодора Генчовска.

Доколку ИТН го добие мандатот, ПП нема да преговара со оваа партија за учество во нивната коалициска влада, порача Радослав Рибарски, пратеник од ПП.

Во меѓувреме, со-претседателот на „Демократска Бугарија“, Атанас Атанасов, рече дека ако неговата партија го добие третиот мандат, првин поддршка ќе побара од ПП. Демократска Бугарија е цврст коалициски партнер на ПП во сегашната влада.