Свет Балкан Повторно дојави за бомби во црногорски институции, наставата во училиштата се одвива...

Повторно дојави за бомби во црногорски институции, наставата во училиштата се одвива онлајн

Новиот наплив на дојави за бомби во Црна Гора доаѓа пред одржувањето на парламентарните избори кои се закажани за в недела

фото: Министерство за внатрешни работи на Црна Гора / Фејсбук

Неколку црногорски училишта и градинки утрово добиле информации за наводно поставени бомби. Заканите, како што јавува Радио-телевизија Црна Гора (РТЦГ), пристигнале на електронските адреси на училиштата и градинките.

Црногорското Министерство за образование соопшти дека наставата за учениците денеска ќе се одржува онлајн, а се откажуваат и екстерните испити за полуматурантите.

Од полициската управа за РТЦГ информирале дека пријави за бомби пристигнале на вкупно 135 адреси и дека се преземаат сите активности во надлежност на полицијата.

Покрај училиштата и градинките, закани за наводно поставени канистери со отровен нервен гас со детонаторни направи во Подгорица, Бар, Будва и Котор добиле и црногорското Министерство за внатрешни работи, Управата на полицијата, Агенцијата за национална безбедност и некои медиуми.

Закани за бомби и вчера добија неколку црногорски училишта, како и Собранието, Вишиот суд и општините. Настава не се одржувала, а зградите биле веднаш евакуирани. Полицијата утврдила дека сите пријави се лажни.

Новиот наплив на дојави за бомби во Црна Гора доаѓа пред одржувањето на парламентарните избори кои се закажани за в недела (11 јуни).

Изминативе седмици лажни дојави за бомби во училиштата и институциите повторно имаше и во Србија, а интересен е податокот дека ваквата форма на хибридни закани се случуваше и во Бугарија пред одржувањето на тамошните парламентарни избори во март годинава.