Свет Повеќе од 20 загинати во Хјустон, воведен полициски час поради кражби

Повеќе од 20 загинати во Хјустон, воведен полициски час поради кражби

Во Хјустон е прогласен полициски час додека градот се бори со последиците од ураганот Харви, кој кон крајот на минатата недела ја погоди американската сојузна држава Тексас.

Невремето донесе рекордни количества дожд, големи делови од градот се поплавени, многу домови се уништени, а повеќе од 20 лица ги загубиле животите, пренесува „Би-би-си“.

Градоначалникот на Хјустон, Силвестер Тарнер, изјавил дека полицискиот час морало да биде воведен за да се спречат кражби во домовите на евакуираните граѓани.

Полицискиот час ќе биде на сила од полноќ до 5 часот наутро по локално време. Тој нема да важи за волонтерите и за спасувачите.

Градските власти регистрирале случаи на кражби, вооружени грабежи и лица кои лажно се претставувале како полицајци.

Претседателот Доналд Трамп вчера го посети Тексас за да ги види на самото место шетите од ураганот Харви и изјави дека станува збор за невреме од „епски размери“.