Економија Николовски: Деведесет отсто од производството на јаболка во Преспанскиот Регион е загрозено

Николовски: Деведесет отсто од производството на јаболка во Преспанскиот Регион е загрозено

Деведесет отсто од производството на јаболка од оваа реколта, според жителите на Преспанскиот Регион, е загрозено, изјави денеска во Крани, пратеникот на СДСМ, Љупчо Николовски.

Тој истакна дека и минатата година имало штети во производството на јаболка, но отштетата од страна на актуелната влада и на надлежното министерство не е исплатена, а доцнат и субвенциите за 2016 година, но и од претходните години.

Николовски најави дека наскоро ќе бидат деблокирани процесите во Собранието на Република Македонија и дека парламентарното мнозинство ќе ја преземе одговорноста и сите овие проблеми, еден по еден, ќе ги решава новата влада.

– Жална е сликата овде. Луѓето се во паника. Затоа сме тука да ја пратиме пораката дека на овие луѓе мора да им се помогне. Мнозинството во парламентот ќе ја преземе одговорноста. Граѓаните и земјоделците треба да бидат убедени и уверени дека врвен приоритет на новата реформска влада ќе бидат проблемите на граѓаните и нивното решавање. Доколку не беше оваа блокада од страна на ВМРО-ДПМНЕ, денес земјоделците веќе ќе имаа зелена нафта, ќе имаа редовни, навремени и зголемени субвенции, земјоделството ќе беше врвен приоритет на новата реформска влада – изјави Николовски.