Свет Балкан Немири во Атина на протестот за Григоропулос

Немири во Атина на протестот за Григоропулос

Атина пламна во експлозии на молотови коктели и потона во солзавец за годишнината од убиството на Алексис Григоропулос. Протестот за убиството на Григоропулос во 2008 година, кое стана симбол за борбата против полициското насилство, ескалираше во атинскиот кварт Ексархија и доведе до 35 приведени лица и 13 уапсени.

Во борбите меѓу демонстрантите и полицијата и размената на молотови коктели, камења и на солзавец, беа повредени тројца припадници на специјалните полициски сили. Уште на самиот почеток на протестот низ градот беа видливи огромен број полициски единици, што само дополнително ја зголеми тензијата меѓу демонстрантите.

По протестната поворка на неколку илјадници демонстранти низ центарот на Атина, протестот се разгоре во Ексархија, квартот каде и беше убиен Григоропулос.

Ексархија наликуваше на бојно поле, потоната во магла од солзавец. Неколку стотици демонстранти палеа контејнери за отпадоци, на помалите улички до доцните часови се разменуваа молотови коктели и солзавец. Во борбите беа причинети големи материјални штети, искршени беа голем број автомобили, запалени продавници и киосци низ целата населба.

Протестот дојде еден ден по изгласувањето на новиот буџет и по медиумските најави за враќање на претставниците на кредиторите во Атина за договор околу приоритетните мерки што се очекува грчката влада да ги спроведе за да ја добие следната рата од финансиската помош. Најгласно се говори за намалување на пензиите и на платите во јавниот сектор, приватизација на дел од компанијата за електродистрибуција, уредување нов систем за справување со непрофитните заеми, како и за креирање нов фонд за приватизација на државниот имот и компании, за што сериозно притискаат меѓународните кредитори.

Грчкиот премиер, Алексис Ципрас, доцна вечерва ќе има интервју за грчката државна телевизија ЕРТ, во кое се очекува дека ќе ја образложи политичката стратегија, грчките црвени линии и ќе посочи на потребата за солидарност и за поддршка за владината програма за побрз излез од финансиската криза.

М.П.