Свет Балкан Најмалку тројца загинати во невремето и во поплавите во Албанија

Најмалку тројца загинати во невремето и во поплавите во Албанија

Најмалку три лица ги загубиле животите во невремето и во поплавите што синоќа и денеска ја зафатија Албанија, јавува дописникот на „Мета“ од Тирана.

Првиот случај е регистриран во општината Клос, каде 42-годишниот Џевахир Ндои загинал откако воден бран го одвлекол заедно со возилото во кое се наоѓал.

Втората жртва, идентификувана како 50-годишниот Кастриот Спахиу од селото Сука, настрадал додека вршел поправки на покривот од својата куќа, кој бил откорнат од силниот ветер.

Попладнево околу 13.30 часот полицијата соопштила дека било пронајдено мртво тело во реката Тирана. Лицето, за кое се претпоставува дека е на околу 50-годишна возраст, но засега е сè уште неидентификувано, според полицијата најверојатно настрадало во поплавите.

Албанија од ноќеска е зафатена од силно невреме. Поради силните врнежи од дожд и ветерот, голем дел од Тирана остана без електрична енергија. Поплавени беа куќи и автопатишта, а траекти останаа блокирани на пристаништето во Валона поради големите бранови.