Македонија Ковачевски: Договорено е Грција да обезбеди непречен извоз на јаглен и мазут...

Ковачевски: Договорено е Грција да обезбеди непречен извоз на јаглен и мазут за производство на струја

Фото: Влада на Република Северна Македонија

Премиерот Димитар Ковачевски по денешната средба со шефот на грчката влада Киријакос Мицотакис во Атина изјави дека на состанокот е договорено Грција да обезбеди непречен извоз на мазут и јаглен како суровини за производство на електрична енергија во Македонија.

„Снабдувањето со јаглен ќе се одвива непречено во четвртиот квартал од 2022 и првиот квартал од 2023 во РЕК Битола и РЕК Осломеј. Ќе има непречено снабдување со мазут преку Грција, за непречено да функционира ТЕЦ Неготино. Веќе се јавуваат недостатоци на енергенси во европа, па треба да обезбедиме непречено снабдување со овие суровини и да нема нивно ограничување при увозот“, рече Ковачевски.

Тој истакна и дека со Мицотакис разговарале за големите проекти, како гасоводот до Неготино од Евзони, за кој веќе има понуди за закупување на капацитети и би требало изградбата да започне до крајот на годината. Тeма на разговор била и големата гасна централа до 200 мегавати во Скопје, за која има веќе анализи како стратешка инвестиција пред Влада.

Ковачевски додаде дека за изградбата на проектот Чебрен има единствена понуда од грчката ППС. Таа ќе помине низ филтрите на евалуација и до крајот на годината може да да се очекува потпишување на договор за изградба.

„Имаме постапки за набавка на овие суровини и тие се прават во континуитет. Грција има големи наоѓалишта на јаглен и компаниите во Грција и нашиот ЕСМ треба да направат анализа за подолгорочно снабдување и испорака во Северна Македонија“, рече Ковачевски.