Свет Балкан Грчкото електростопанство ја купува ЕДС на вицепремиерот Анѓушев

Грчкото електростопанство ја купува ЕДС на вицепремиерот Анѓушев

Грчката национална компанија за производство на струја, „Паблик пауер корпорејшн“ ППЦ (Public Power Corporation) ја почнала постапката за купување на компанијата „Енерџи деливери солушнс“ (ЕДС) на вицепремиерот Кочо Анѓушев, информираат од компанијата.

Од таму се додава дека, постапката за целосно купување на групацијата ЕДС со сите нејзини подружници на Балканот, ќе се реализира откако одобрение за тоа ќе издаде македонската Комисија за заштита на конкуренција.

ЕДС преку своите подружници работи во Словачка, Унгарија, Романија, Хрватска, Србија, Црна Гора, Косово, Македонија, Грција и Бугарија.

Со купувањето на еден од најголемите балкански трговци со струја, ППЦ ќе влезе и во бизнисот со трговија со струја и ќе го прошири своето портфолио.

„ППЦ е една од најголемите компании во Југоисточна Европа од областа на енергетиката, со вкупна актива од повеќе од 15 милијарди евра и годишни приходи од над 5 милијарди евра. Основната дејност на ППЦ е производство, дистрибуција и снабдување со електрична енергија во Грција за 7,3 милиони потрошувачи и има пазарен удел од околу 85 проценти. ППЦ е сопственик и на „Хедно“, која ја врши дистрибуцијата на струјата до потрошувачите во Грција, како и на ППЦ Обновливи извори  – една од компаниите пионери во Европа за производство на електрична енергија од обновливи извори“, се вели во соопштението.