Свет Балкан Грчките земјоделци денеска од 11 до 13 часот ќе ги блокираат премините...

Грчките земјоделци денеска од 11 до 13 часот ќе ги блокираат премините Богородица и Дојран

Грчките земјоделци денеска повторно ќе ги блокираат граничните премини Богородица и Дојран. Блокадата ќе биде поставена од 12 до 14 часот по локално време, односно од 11 до 13 часот по македонско време.

Покрај македонската, земјоделците ги блокираат и граничните премини од Грција кон Албанија и кон Бугарија. Најлоша засега е ситуацијата кај преминот Промахонас кон Бугарија, каде грчките земјоделци од вчера најавија дека постојано ќе биде блокиран, без паузи. На границата веќе има огромна редица возила и камиони. Блокот на Промахонас беше тргнат накратко вчера вечерта, по тензични расправии меѓу земјоделците и голем дел од возачите кои сакаа да заминат кон Бугарија.

Денеска напладне земјоделците од цела Грција ќе се состанат во Солун, во Синдос и ќе се договорат за иднината на протестите и дали воопшто ќе се сретнат со премиерот Алексис Ципрас. Земјоделците планираат масовен протест во Солун в четврток, за време на отворањето на Саемот за земјоделство.

Процените се дека по денешниот состанок можно е протестите и блокадите на земјоделците да се интензивираат во знак на незадоволство поради одлуката на владата да се продолжи со спроведување на законот за реформи во пензиското и во здравственото осигурување.