Свет Балкан Европската Унија ќе го усвои безвизниот режим за Турција

Европската Унија ќе го усвои безвизниот режим за Турција

Европската комисија на Турција условно ќе ѝ одобри безвизен режим за шенгенската зона, објави денеска „Би-би-си“ повикувајќи се на анонимни извори.

Официјалното соопштение за тоа Европската комисија ќе го објави утре, наведува британскиот сервис.

Безвизниот режим за Турција е дел од договорот што го постигнаа официјален Брисел и Анкара, а во рамките на кој Турција се согласи да ги прими назад мигрантите што го поминале Егејско Море и стигнале во Грција.

Турција и понатаму мора да ги исполни критериумите на Европска Унија за безвизен режим, а одлуката за условно укинување на визите мора да го одобри Европскиот парламент и земјите членки на ЕУ.

Официјален Брисел стравува дека без договор за безвизен режим, Турција нема да ја контролира миграцијата.

Голем број мигранти и бегалци стигнуваат во Европа од Турција, како и од Северна Африка, што предизвика политичка криза меѓу членките на ЕУ.