Свет Балкан ЕУ ги повика Косово и Србија на деескалација, се закани со решителни...

ЕУ ги повика Косово и Србија на деескалација, се закани со решителни мерки

Дополнително, ЕУ бара без какво било одложување и предуслови да почнат работите за воспоставување на Асоцијацијата/Заедницата на општините со српско мнозинство

Фото: European Commission

Високиот претставник на ЕУ за надворешни работи и безбедносна политика Жозеп Борел, денеска, говорејќи во име на ЕУ, ги повика Косово и Србија веднаш и безусловно да преземат мерки за деескалација, да престанат да ја користат реториката на поделба и да се воздржат од какви било некоординирани дејствија.

„Во спротивно, Европската Унија е подготвена да спроведе решителни мерки. Непостигнувањето деескалација на тензиите ќе води до негативни последици“, се наведува во соопштението од Борел.

ЕУ најостро ги осудува насилните постапки против граѓаните, војниците на КФОР, припадниците на силите на редот и медиумите на северот на Косово.

Членките на ЕУ бараат Косово да дејствува на начин што не води до ескалација и веднаш да ги прекине полициските операции во близина на општинските згради на северот на Косово.

ЕУ бара предвремени избори во четирите српски општини на северот на Косов.

„Новоизбраните градоначалници треба привремено да ги извршуваат своите должности во други простории, а не во општинските згради. Треба да се распишат предвремени избори во сите четири општини и тие да се одржат на целосно инклузивен начин. Очекуваме косовските Срби да учествуваат на овие избори.

Во обраќањето на Борел во име на ЕУ се изразува загриженост поради највисокото ниво на готовност на оружените сили на Србија. ЕУ, вели тој, очекува и Косово и Србија да се однесуваат одговорно и веднаш да се вклучат во дијалогот организиран од ЕУ за наоѓање одржливо решение за ситуацијата на северот на Косово што ќе гарантира безбедност сигурност и партиципативна демократија за сите граѓани.

Дополнително, ЕУ бара без какво било одложување и предуслови да почнат работите за воспоставување на Асоцијацијата/Заедницата на општините со српско мнозинство.

Политичките претставници на српската заедница во Косово ги бојкотираа вонредните локални избори што се одржаа на 23 април, а на кои беа избрани градоначалници Албанци во општините Северна Митровица, Звечан, Зубин Поток и Лепосавиќ.