Дигитални права ДЕБАТА: Нема доволно политичка волја за дигитализација на општинските услуги

ДЕБАТА: Нема доволно политичка волја за дигитализација на општинските услуги

Фото: Исечок од видео-дебатата

Има недостиг на стратешки пристап за развивање на дигитализацијата на локално ниво, оти речиси сите стратегии во моментов се насочени на услугите што ги дава централната власт, а постои и недостиг на интегриран систем на јавни услуги што ќе овозможат одговорна и безбедна испорака на услуги за сите граѓани без исклучок. Отсуствува и разбирање на потребата од дигитализација од страна на општините, смета Мила Јосифовска – Даниловска, програмски менаџер во Фондација за интернет и општество „Метаморфозис“.

Таа беше учесничка на панел дискусијата: „Дигитална трансформација кон е-општини – Како практично да се премости јазот помеѓу очекувањата на граѓаните и достапните јавни услуги?“, што се одржа денеска во организација на Институтот за добро управување и евро-атлантски перспективи (ИДУЕП) и Фондацијата „Фридрих Науман“, а во соработка со Министерството за локална самоуправа.

На темата во отворањето на денешниот семинар зборуваа и Горан Милевски, министер за локална самоуправа на Северна Македонија; Божидар Божанов – министер за е-Влада и дигитализација на Бугарија и Ивајло Цонев, проектен координатор во Фондацијата „Фридрих Науман“ .

Друг горлив проблем е и дигиталната писменост, не само кај граѓаните, туку и меѓу службениците на локално ниво, порача Мила Јосифовска – Даниловска.

„Има недостаток на капацитети – како човечки, така и инфраструктурни, и финансиски. Во постојаната комуникација со општините директно или преку нашите партнери и сојузници во процесот, имаме согледано дека не само кај граѓаните како корисници на јавните услуги, туку и кај јавната администрација како испорачувачи на јавните услуги се јавува потребата од дигитална писменост. Предизвиците поврзани со дигиталниот јаз јасно укажуваат на потреба од системски пристап и инвестиции во подобрувањето на дигиталните вештини на населението и администрацијата, со цел да се обезбеди ниво на дигитална писменост и вештини што ќе ги оправдуваат инвестициите во натамошната дигитализација на услугите“, нагласи таа.

Во целодневниот настан со свои согледувања се обратија и Бојан Кордалов од ИДУЕП; Душица Перишиќ, извршна директорка на ЗЕЛС; пратеничката Моника Зајкова; Перо Костадинов, градоначалник на општина Валандово и потпретседател на ЗЕЛС; Милан Танчески, извршен директор на „БЛИНК 42-21 и низа други говорници.

На настанот се промовираше и прирачникот „Дигитална трансформација кон е-општини – Како практично да се премости јазот помеѓу очекувањата на граѓаните и достапните јавни услуги?“.