Свет Балкан Бројката на загинати од земјотресот во Албанија достигна 27, повредени над 650...

Бројката на загинати од земјотресот во Албанија достигна 27, повредени над 650 лица

Најмалку 27 загинати и над 650 повредени лица е билансот од катастрофалниот земјотрес што вчера ја погоди Албанија, јавува Радио-телевизија Албанија.

Во земјата денеска е прогласен Ден на жалост за жртвите во серијата земјотреси. Албанските медиуми во извештаите нагласуваат дека од урнатините се спасени 46 лица во спасувачката акција, за чие непречено одвивање неколку европски земји испратија свои екипи за трагање. Се стравува дека десетина лица сѐ уште се заробени под урнатините.

Илјадници луѓе ноќта ја поминаа под отворено небо на фудбалскиот стадион во Драч, каде албанската војска постави шатори за сместување на оние лица чии домови се уништени. Министерството за одбрана информираше дека најтешко погодени од земјотресите се подрачјата Драч и Тумане. Албанската влада утрово одржува вонредна седница за преземање мерки по природната катастрофа.

Најсилниот потрес со јачина од 6,4 степени се случи вчера наутро, во 3:54 часот. Радио-телевизија Албанија јавува дека во изминатово деноноќие биле регистрирани околу 300 послаби земјотреси. Помош и спасувачки тимови во Албанија веќе испратија Италија, Франција, Романија, Турција, Грција, Хрватска, Црна Гора, Косово и Србија.

Македонската влада на вчерашната седница донесе одлука да се издвоји првична финансиска помош од 97.560 евра. Во Албанија веќе се испратени тимови за спасување составени од 30 стручни лица, а дополнителна екипа за спасување испрати и Градот Скопје. Повеќе општини во земјава најавија дека ќе испратат финансиска помош за настраданите во земјотресот.