Свет Балкан Аманатидис: Потребна е поголема соработка меѓу Грција и Македонија

Аманатидис: Потребна е поголема соработка меѓу Грција и Македонија

Грчкиот заменик-министер за надворешни работи, Јанис Аманатидис, истакна дека инцидентите кај Идомени покажале дека има потреба да се засили соработката меѓу Македонија и Грција. Во интервју за телевизијата „Скај“, Аманатидис повторно ги осуди инцидентите и употребата на насилство од македонска страна кон мигрантите.

Заменик-министерот посочи дека употребата на гумени куршуми и на солзавец кон бегалците на Идомени и на грчко тло е неприфатлива, поради што вчера грчкиот амбасадор на Македонија ѝ врачи две остри протестни ноти, во кои се осудува насилството и се бара поголема воздржаност и трезвеност во реакциите и во справувањето со бегалската криза.

– Од друга страна се покажа потребата од потесна соработка меѓу силите на БЈРМ и на Грција. Колку што знам веќе имаше и можеби и ќе има уште еден контакт меѓу министерот за цивилна заштита, Никос Тоскас, и неговиот колега од БЈРМ – истакна Аманатидис.

Одговарајќи на новинарско прашање дали има воопшто координација на грчките со македонските сили, Аманатидис забележа дека соработка има на ниво на полициските сили, меѓутоа очигледно е дека треба да се работи на подобрување на соработката за да се избегнат феномени како судирите на Идомени.

Според Аманатидис, клучно е да се работи на расчистување на кампот и на пренесување на бегалците во бегалските центри. Тој посочи дека освен летоците што од денеска Грција ги дели на бегалците со апел да заминат во бегалските центри бидејќи на Идомени не можат ниту да поднесат барање за азил, добро би било да се замолат и бегалците што се веќе во центрите да дојдат и да поразговараат со луѓето во Идомени, да им објаснат каква е ситуацијата и да ги убедат да си заминат од кампот.

Грчката влада, покрај хаосот кој владее во Идомени и во Пиреја и бројката од повеќе од 53.000 бегалци низ целата земја, оваа недела ќе треба да се справи и со повеќе од 4.500 барања за азил, но и да најде начин да го продолжи процесот на релокација и на враќање на мигрантите во Турција.