Визуелизации Железницата во земјава со драстично помал удел во транспортот на стоки споредено...

Железницата во земјава со драстично помал удел во транспортот на стоки споредено со ЕУ (инфографик)

Македонските железници се на самото дно на европските земји во кои се користат возовите за превоз на стока. Камионскиот транспорт во последниве години целосно го зема приматот во товарниот сообраќај, оставајќи им зад себе трошки на железницата. Само 3,1 отсто од вкупните остварени тонски километри во 2016 година биле остварени во железничкиот товарен превоз, додека преостанатите 96,9 отсто припаѓаат на патниот товарен превоз, покажуваат податоците на Државниот завод за статистика. 

Со ваквиот удел на железницата во превозот на стоки, Македонија се наоѓа на самото дно на листата на земји – членки и кандидати за членство во ЕУ. Зад нас се само Грција и Ирска, каде железницата остварила под 2 отсто од реализираниот транспорт на стоки. Податоците на Еуростат покажуваат дека 17,4 отсто од целокупниот товарен транспорт во ЕУ се одвивал со воз, додека камионскиот превоз учествувал со 76,4 отсто. Речниот превоз во 2016 година имал удел од 6,2 отсто од вкупниот број на остварени тонски километри.

Малото учество на товарниот железнички превоз во нашата земја предизвикува проблеми, кои допрва ќе треба да ги решава државата. Превозот на стока со воз на европско ниво создава значаен дел од добивката на железничките претпријатија, која делумно се користи за финансирање на превозот на патници. Воедно, целосната доминација на патниот товарен сообраќај доведува до оптеретеност на патиштата и забрзано уништување на коловозите.

Ниската искористеност на железницата за превозот на стоки во Македонија се провлекува во последните 5 – 6 години од работењето на железничкиот транспортен оператор Железници на РСМ – Транспорт. Податоците на Државниот завод за статистика покажуваат дека во 1990 година дури 26 отсто од целокупниот товарен превоз во земјава припаѓал на железницата.