Главна секција Заев: Влада треба да состави коалицијата што ќе има минимум 61 пратеник...

Заев: Влада треба да состави коалицијата што ќе има минимум 61 пратеник во Собранието

Лидерот на СДСМ, Зоран Заев, очекува претседателот на државата, Ѓорге Иванов, да го даде мандадот за составување нова влада на таа партија, партии или коалиција што ќе имаат мнозинство во Собранието од минимум 61 пратеник.

– Членот 90 од Уставот на Република Македонија е јасен и вели дека претседателот на Република Македонија го доделува мандатот на оној претседател на партија, на политичка партија или политички партии, коалиции што ќе докажат дека имаат мнозинство во Собранието. Тоа значи минимум 61 пратеник – изјави денеска Заев, одговарајќи на новинарско прашање за тоа што очекува од Иванов, односно кому претседателот ќе му го додели мандатот за нова влада.

Инаку, во членот 90 од Уставот пишува дека „претседателот на државата е должен во рок од десет дена од конституирањето на Собранието, мандатот за состав на владата да го довери на кандидат на партијата, односно партиите што имаат мнозинство во Собранието“.

Според првичните резултати од изборите на 11 декември што ги објави Државната изборна комисија, ВМРО-ДПМНЕ има 51, а СДСМ 49 пратеници, ДУИ – 10, Беса – 5, Алијанса за Албанците – 3 и ДПА – 2 пратеници.

Каков ќе биде конечниот распоред на силите во новиот собраниски состав, треба да пресече Управниот суд, кој денеска треба да одлучи по тужбите на СДСМ и на ВМРО-ДПМНЕ, од што зависи дали на некои избирачки места ќе има прегласување и евентуални промени во бројот на освоени пратенички мандати меѓу власта и опозицијата.