Свет Европа За оштетувањето на Кримскиот мост Москва ја обвинува Украина, експлозивот патувал и...

За оштетувањето на Кримскиот мост Москва ја обвинува Украина, експлозивот патувал и низ Бугарија

Пожарот на Кримскиот мост кој ја поврзува Русија со окупираниот Кримски полуостров | Фото: Укринформ

Експлозивот којшто бил искористен за оштетување на Кримскиот мост бил испратен од Одеса преку Бугарија, Грузија и Ерменија до Крим, тврди руската Федерална служба за безбедност (ФСБ), пренесува весникот Гардијан. За организатор на експлозијата на камионот, руските власти го обвинуваат шефот на украинското воено разузнавање Кирило Буданов.

Официјална Москва настанот го оквалификуваше како терористички чин и, како што тврдат, досега уапсиле осум лица поради експлозијата на Кримскиот мост, меѓу кои пет лица од Русија и три лица од Украина и Ерменија. Украинските власти официјално го поздравија оштетувањето на мостот, без притоа досега да признаат вмешаност во експлозијата.

Во меѓувреме, украинските власти тврдат дека околу 30 отсто од енергетската инфраструктура на земјата била погодена од руските напади кои започнаа на 10 октомври. Украинскиот министер за енергетика Херман Халушченко порача дека неопходно е да се заштити украинското небо, пренесува Укринформ.

Во руското ракетирање околу 70 објекти се оштетени, вклучувајќи 29 стратешки важни инфраструктурни зданија од енергетиката. Министерот ја повика меѓународната заедница да ѝ помогне на Украина со системи за противвоздушна одбрана.

На првите линии од фронтот и понатаму се гине. Шест цивили загинале во Донецкиот регион во изминативе 24 часа, информира Укринформ. Четири лица загинале во Лиман, а две во Терни како последица на руските напади.

Украинските власти тврдат дека на југот успеале да ослободат пет нови населени места во Херсонскиот регион и да напредуваат против руските сили. Станува збор за ослободување на Нововасиливка, Новохрухоривка, Нова Камјанка, Труфонивка и Червоне, при што биле елиминирани 23 руски војници, пишува Укринформ.

Украина ја обвинува Белорусија дека директно ѝ помага на Русија во воената агресија. Генералштабот на украинската армија тврди дека 20 тенкови Т-72 биле испорачани од Белорусија во рускиот регион Белгород на границата со Украина. Истовремено, белоруската воена индустрија учествува во поправки на оштетената руска воена техника за време на агресијата во Украина, пренесува Укринформ.