Главна секција За едно деноноќие 101 нов случај на Ковид-19, можно затворање на одредени...

За едно деноноќие 101 нов случај на Ковид-19, можно затворање на одредени општини

Во последните 24 часа се направени 974 тестирања, а регистрирани се 101 нови случаи на Ковид-19, информираат во Министерството за здравство. Најголем број од новозаразените се во Скопје – 59 лица.

На Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби почина 84-годишен пациент од Прилеп, хоспитализиран на 17 мај. Во ГОБ „8 септември“ почина пациент од Тетово (75г) примен на 24 мај, пациент од Куманово (71г) примен на 26 мај и пациент од Скопје (58г) примен на 30 мај. Денеска Институтот за јавно здравје регистрира 10 оздравени пациенти.

„Досега во земјата се направени вкупно 32.161 тестирања на Ковид-19. Од вкупниот број направени тестови во изминатото деноноќие, 132 теста се во рамките на скринингот во градинки преку центрите за јавно здравје во Штип, Прилеп, Битола и Скопје. Потврдени се два позитивни случаи во градинки во Штип“, наведено е во соопштението.

Вкупната бројка на ковид дијагностицирани во нашата земја од почетокот на епидемијата изнесува 2492, бројката на оздравени пациенти е 1605, на починати е 145, а во моментов бројот на активни случаи во земјата изнесува 742.

Денеска се одржа и состанок меѓу министерот за здравство Венко Филипче и членовите на Комисијата за заразни болести, заедно со претставници на локални центри за јавно здравје и претставници на Министерството за внатрешни работи. На средбата треба да се дискутира за спроведување мерки на терен, а не е исклучена можноста да се затворат одредени општини во кои има голем број заразени лица.

„Целта на состанокот е заедничка координација за делување во општините кои се детектирани како жаришта на коронавирусот. На состанокот ќе се дискутира за начинот и ефективноста на спроведување на актуелните мерки на терен, како и организација и спроведување на можни дополнителни мерки. Анализите и заклучоците од состанокот ќе се достават како предлози до Владата и кризниот штаб за утврдување на следните чекори на делување“, информираат во министерството.