Наместо со возови и автобуси како што се патува низ цела Европа, нашата земја е меѓу ретките во која такси-превозот пополека постанува главно средство за превоз во меѓуградскиот превоз. Податоците на Државниот завод за статистика за 2019 година покажуваат дека возовите и автобусите се сè помалку атрактивни за патниците, па така таксистите го земаат приматот и во превозот меѓу градовите.
Зголемената доверба во такси-превозот може да се објасни со континуираното намалување на бројот на патнички возови во домашниот железнички сообраќај, како и опаѓањето на квалитетот на автобускиот превоз. Поради неатрактивноста на железницата и неразвиената инфраструктура, патниците се приморани да бираат меѓу автобускиот и такси-превозот. Минатата година се случи автобуската несреќа кај Ласкарци, која пак доведе до зголемување на недовербата кај патниците во автобускиот превоз што веќе беше присутна и претходно поради преполните автобуси на одредени линии и стариот возен парк.
Од друга страна, зголемениот број на патници во такси-превозот придонесува за намалување на неговите цени, кои постепено стануваат конкурентни на другите видови превоз. Таксистите секогаш ги возат патниците до крајната дестинација и за најбрзо време, проблем за којшто „Мета.мк“ веќе има пишувано во неколку наврати. Споделувањето на такси возилата за патувања меѓу блиските градови е пракса која што сè почесто ја користат нашите граѓани.
Сепак, ваквиот тренд во нашата земја е далеку од искуствата во земјите-членки на ЕУ, каде што се стимулира користењето на масовниот превоз за јавен транспорт. Такси-превозот превезува мал број на патници, поскап е, при што бројот на превезени патници во еден воз е еквивалентен на бројката на граѓани кои можат да патуваат во десетици такси-возила. Како резултат на ова, се зголемува аерозагадувањето, расте сообраќајниот метеж низ градовите и ризикот од сообраќајни несреќи, додека се намалува и бројот на достапни паркинг места во населените места.