Сите решенија што ги донеле министрите на СДСМ во периодот од 11 ноември минатата година до 7 април годинава, Владата ги поништила на вчерашната седница на барање на дополнителните заменици министри од ВМРО-ДПМНЕ, Митко Чавков и Диме Спасов, информираат од Владата.
Во соопштението пишува дека во согласност со член 30, став 2 од Законот за влада, Владата има право и должност да укине или поништи пропис или друг акт на министерствата, органите на државната управа и управните организации кој не е во согласност со Уставот, законот или друг пропис на Собранието, односно пропис на Владата.
„Врз основа на официјални информации и акти кои беа доставени и разгледувани во законска процедура, беше констатирано дека министрите за внатрешни работи и за труд и социјална политика, со противзаконски и еднострано донесените акти ги повредиле и работеле спротивно на членот 46, ставовите 2 и 3 од Законот за влада, а во врска со членот 47 од Законот за влада. При носењето на овие еднострани и противзаконски акти, министрите не ги почитувале законите, односно не ги донеле овие акти во согласност со дополнителниот заменик министер, не ги консултирале дополнителните заменици министри и на овие акти кои Владата им ги поништува нема потпис од дополнителниот заменик министер, од што произлегува дека тие акти се незаконски донесени и се спротивни на Законот за влада и затоа Владата ги поништи овие нивни акти. Владата наложи во Министерството за внатрешни работи и во Министерството за труд и социјална политика да се воспостави претходната состојба, каква што била пред донесувањето на наведените противзаконски и еднострани акти, кои Владата ги поништи“, наведено е во соопштението.