Македонија Учениците од Блаце догодина нема да ja минуваат границата за да одат...

Учениците од Блаце догодина нема да ja минуваат границата за да одат на школо во Косово

Учениците од скопското село Блаце со години наназад ја минуваат македонско – косовската граница за да се школуваат во Елес Хан. Основно училиште во ова село нема, а државава им го негира едно од основните човекови права – правото на образование. Овие ученици немаат услови за одржување настава во земјата од која потекнуваат, но се очекува образовниот процес од 2021 година да можат да го следат поблиску до нивните домови, пишува „Порталб.мк“.

Тендерот за изградба на основното училиште во Блаце сега веќе е отворен, и доколку работите се одвиваат според планот, новата училишна година во 2021 година овие ученици ќе ја започнат во селото каде што живеат.

Министерот за образование и наука на 14 јануари на Фејсбук, меѓу другото, најави дека Владата има донесено одлука за објавување на тендер за изградба на училишен објект во село Блаце, училиште што со години беше барање на жителите на ова и на околните села.

Отворањето на можноста за компаниите да аплицираат со нивни понуди за изградба на ова училиште е на 13 февруари.

Доколку работите течат како што е предвидено во тендерот објавен на Електронскиот систем за јавни набавки, завршувањето на објектот на училиштето се очекува да биде најдоцна во октомври 2021 година.

Учениците од населбата „Барди“ од скопското село Блаце со години пешачат по околу 6 километри за да следат настава, и тоа во основното училиште во Елез Хан во Косово. Со тоа, освен што е прекршен членот 44 од Уставот на Македонија бидејќи на нејзините државјани не им се гарантира правото на образование, прекршена е и Универзалната декларација за човековите права, која што ја има потпишано и нашата земја.