Свет Балкан Труењата со газирани пијалоци во Хрватска под истрага, во земјава нема причина...

Труењата со газирани пијалоци во Хрватска под истрага, во земјава нема причина за паника

Кока Кола Хрватска во вторникот го потврди случајот на труење со нивна минерална вода во кафуле во Риека, што резултирало со повреди кај едно лице. Од Агенцијата за храна и ветеринарство во земјава велат дека до овој момент нема потреба за грижа од пласирани небезбедни пијалоци на нашиот пазар

Фото: Shane on Unsplash

Во текот на неделава се затруле најмалку четири лица откако наводно пиеле пијалоци произведени од компанијата Кока-Кола во Хрватска. Едно лице е хоспитализирано откако, наводно, пиело минерална вода со вкус, во кафуле во Риека во саботата, пренесува Политико.

Од четворицата затруени, тројца биле хоспитализирани во главниот град Загреб во вторникот, вели д-р Рајко Остојиќ, шеф на одделот за гастроентерологија во болницата КБЦ во Загреб..

Министерот за здравство Вили Берош, ја советува јавноста „да пие вода”.

Компанијата „Кока Кола Хрватска“ во вторникот потврди дека знаела за случај на труење со нивна минерална вода во кафуле во Риека, што резултирало со оштетување на хранопроводот предизвикан од хемикалии кај едно лице. Тие велат дека ова е изолиран случај и дека се отворени за соработка при истрагата поврзана со труењето.

„Свесни сме за изолиран инцидент поврзан со пијалакот Ромеркеле. Ја изразуваме нашата длабока загриженост и надеж за брзо и целосно закрепнување на лицето вмешано во овој случај. Ние сме целосно отворени за соработка со сите надлежни органи“, велат од Кока Кола Хрватска.

Хрватскиот институт за јавно здравје анализира примероци од пијалоците за да утврди што ги предизвикало симптомите.

Агенцијата за храна и ветеринарство на Македонија вели дека до овој момент нема потреба за грижа од пласирани небезбедни пијалоци на нашиот пазар. Оттаму велат дека ќе ја следат состојбата, а зајакнати се и инспекциските контроли при увоз на храна.

Истакнуваат дека доколку се јави потреба, навреме ќе бидат преземени потребните мерки за заштита на граѓаните од опасни производи.