Свет Европа Трае потрагата по 35 лица исчезнати во лавината што погоди хотел во...

Трае потрагата по 35 лица исчезнати во лавината што погоди хотел во Италија

Спасувачките екипи извлекле три тела од хотелот „Ригопиано“, во италијанскиот регион Абруцо, кој синоќа беше погоден од снежна лавина предизвикана од серијата земјотреси кои вчера ја потресоа Италија, јавува „Би-би-си“. Во меѓувреме трае потрагата по 35 лица кои биле во хотелот за време на лавината, а кои се водат како исчезнати.

Проблемите предизвикани од големиот снег и од земјотресите ги попречуваат спасувачките екипи во нивните напори за расчистување на урнатините на хотелот, кој се наоѓа на планината Гран Сасо во централниот дел на Италија.

Спасувачите изјавиле дека засега не слушнале ништо под урнатините, а во потрагата треба да помогнат кучиња трагачи, кои би можеле да ги лоцираат жртвите.

Две лица кои биле надвор од хотелот за време на лавината, ја преживеале трагедијата и веднаш повикале помош.

Сочувство до семејствата на настраданите изрази претседателот на Европската комисија, Жан-Клод Јункер, кој истакна дека Европската Унија е подготвена да помогне.