Свет Балкан Тензии на северот на Косово: Едно лице е тешко рането, солзавец и...

Тензии на северот на Косово: Едно лице е тешко рането, солзавец и блокади на патишта, нападнати новинари

Фото: Принскрин од видеа на Јутуб

Косовската полиција за економски криминал и царина, придружена со специјалните единици на РОСУ, денеска спроведе акција против шверц на стока на неколку локации во земјата, вклучувајќи го и регионот Приштина, Пеќ и на југот и северот во Митровица. Оваа акција ги разгневи Србите од северот, кои се спротивставија на полицијата, ги блокираа патиштата во Звечан и палеа автомобили, пренесе приштинскиот портал Коха.

За време на немирите, еден човек во Звечан е тешко повреден со прострелна рана во грбот и е во животна опасност, операцијата е во тек во болницата во Косовска Митровица, потврди за порталот Н1 д-р Златан Елек, директор на Клиничкиот болнички центар во Косовска Митровица.

Директорот на Канцеларијата за Косово и Метохија, Петар Петковиќ, рече дека утринава се повредени десетици демонстранти.

Српските медиуми известија и дека откако полицијата употреби солзавец и шок бомби за да ја растера насобраната толпа во населбата Бошњачка Махала во Митровица, демонстрантите се обиделе да ги спречат новинарите да известуваат од терен.

За време на немирите, причинета е материјална штета на неколку цивилни автомобили паркирани во близина, а еден автомобил е запален и на раскрсницата помеѓу средното техничко училиште „Михаило Петровиќ“ и населбата Бошњачка Махала.

По завршувањето на акцијата косовскиот премиер Албин Курти соопшти дека денешната акција е резултат на претходна интензивна истрага и го повика локалното српско население да не станат жртви на некои медиуми кои се обидуваат да политизираат и етнизираат.

„Рано утрово, косовската полиција, со цел да се бори против шверцот, започна операции за рација на неколку различни локации во Приштина, Пеќ и Митровица (и југ и север). На овие полициски акции им претходи интензивна истрага и се наредуваат и координираат со надлежните обвинителства и судови. Запленети се и други стоки и докази, кои исто така претставуваат материјални докази. Криминалите и криминалните групи нема да се толерираат и ќе се борат против нив. Ќе се бориме и ќе спречиме шверц. Денешната полициска акција заврши. Ги повикувам граѓаните во северната општина Митровица да не станат жртви на некои медиуми во Србија кои го штитат криминалот, корупцијата и шверцот и сакаат да го политизираат и етнизираат“, напиша Курти во обраќањето на Фејсбук.

Премиерката на Србија Ана Брнабиќ, ја повика меѓународната заедница, НАТО и КФОР итно да реагираат

„Ситуацијата е повеќе од драматична и ова е последен момент во кој е неопходна јасна реакција за да се запре лудата политика што ја води Приштина. Таквото однесување ја надмина секоја мерка и води на работ на хаос“, рече српската премиерка Ана Брнабиќ во изјавата.

Претседателот на Србија, Александар Вучиќ денеска замина во Рашка на итен состанок со претставниците на Србите во Косово.