Свет Балкан Словенија дневно ќе прима по 2.500 бегалци, Хрватска бара двојно повеќе

Словенија дневно ќе прима по 2.500 бегалци, Хрватска бара двојно повеќе

Словенија ќе дозволи во земјата дневно да влегуваат само 2.500 мигранти, што е двојно помалку од бројот што го бара Хрватска, јавуваат медиумите.

Словенечкиот државен секретар за внатрешни работи, Боштјан Шефиц, денеска изјави дека Словенија не може да го прифати барањето на Хрватска за прием на 5.000 мигранти бидејќи дневниот лимит на Австрија бил 1.500 лица, пренесува „Би-Би-Си“.

Голем број мигранти, од кои најголем дел државјани на Сирија, Ирак и на Авганистан, транзитираат низ Хрватска и низ Словенија кон некоја од побогатите европски земји.

Според медиумите, поради ограничувањата веќе почнале да се создаваат турканици на границата меѓу Србија и Хрватска.

Агенцијата за бегалци на Обединетите нации (УНХЦР) соопшти дека во текот на вчерашниот ден, околу 4.000 бегалци и мигранти влегле во Словенија, неколку часа откако унгарските власти ја затворија границата со Хрватска и го пренасочија бегалскиот коридор.