Македонија Скопските велосипедски патеки ги нема на Гугл мапс, Град Скопје вели тоа...

Скопските велосипедски патеки ги нема на Гугл мапс, Град Скопје вели тоа зависело од Гугл

Фото: Бојан Блажевски

Компанијата Гугл кон крајот на јули преку Гугл мапс ја воведе можноста за корисниците да пронајдат најсоодветни насоки за движење по велосипедските патеки во градовите низ светот. Сепак, еден месец подоцна, скопските велосипедски патеки не се внесени во Гугл мапс и скопјани не можат да ја користат оваа алатка за подобро да го испланираат нивното патување со велосипед во главниот град, како и да дознаат дали избраната велосипедска рута е лесна за возење.

На прашањето зошто ваквата опција во Гугл мапс не е достапна за жителите на Скопје, градските власти за „Мета.мк“ одговараат дека вработените во Секторот за сообраќај се запознаени со оваа опција преку стручните странски медиуми, но сметаат дека прашањето кога Гугл ќе ја направи достапна ваквата опција за Скопје требало да се постави до самата компанија.

– Испраќањето на потребните податоци до Google, како географските координати на велосипедските патеки пред се зависи од Google – велат од Град Скопје.

Наспроти ваквиот одговор на градските власти, самата компанија Гугл во нејзиниот блог пост на оваа тема на 20 јули годинава посочуваат дека токму локалните власти можат да ги достават податоците за постојните велосипедски патеки, како и за  изградбата и проширувањето на велоинфраструктурата, преку нивната алатка Geo Data Upload Tool, со што би се надополниле податоците за велосипедската инфраструктура за градовите во Гугл мапс.

Од Гугл објаснуваат дека во градовите каде што е воведена опцијата за пронаоѓање рути за велосипедистите, тие користат комбинација на машинско учење, сложени алгоритми и нивното разбирање за реалната состојба со велосипедската инфраструктура, заснована на податоци од официјалните власти и придонесот на заедницата. Онаму каде што е достапна, Гугл мапс се обидува да даде информации и за оние велосипедски рути што се потешки за возење, како резултат на лошите услови на патеката, тунели, скали и слично.

„Бидејќи навиките за велосипедизам се менуваат, особено кога работите се развиваат со ковид-19, ние постојано ги ажурираме овие информации за да ви помогнеме да ја откриете најсигурната рута за велосипедисти“, изјави Вишал Дута, менаџер во Гугл мапс кон крајот на јули.

„Мета.мк“ веќе неколку месеци наназад пишува за проблемите со кои се соочуваат велосипедистите во нашата земја, првенствено во Скопје, меѓу кои се, недоволниот простор и велосипедски патеки за безбедно движење на велосипедистите, недоволното одржување на инфраструктурата, непрописното паркирање на возила на патеките, непостоењето на систем за изнајмување на јавни велосипеди и неинтегрирањето на велосипедскиот сообраќај со јавниот превоз.