Свет Балкан Снегот и силниот ветер го блокираа сообраќајот на автопатот Белград – Ниш

Снегот и силниот ветер го блокираа сообраќајот на автопатот Белград – Ниш

Поради снегот и силниот ветер во прекин е сообраќајот на автопатот Белград – Ниш, кај клучката Трупале, во околината на Ниш, а дел од возилата се пренасочуваат по стариот пат преку Алексинац, јавува дописникот на „Мета“ од Белград.

Во прекин е и сообраќајот на патот Ниш – Југ, на излезот од Ниш, каде дојде до верижен судир на возила, во кој се повредени 17 луѓе, од кои шест деца.

Поради снегот, кој на некои од локалните патишта достигнува висина и до два метри, во Ниш и во околината утрово беа скратени голем број од приградските автобуски линии, а скратени се и дел од градските автобуски линии поради снежните наноси на коловозите.

Силниот ветер и снегот предизвикаа и дефекти на електричната мрежа на периферијата на Ниш, поради што утрово без електрична енергија останаа седум села и приградски населби, а без струја неколку часа остана и центарот на Ниш.

Прекини во сообраќајот има и на делниците Врање – Баревиќ, Влас – Крива Феја, Долни Милановац – Мајданпек и на патот Зајачар – Бољевац. Снегот, кој од синоќа непрекинато врне во Србија, завеа и неколку села во околината на Пирот, но засега нема проблеми со снабдувањето со електрична енергија и со храна на населението.