Видео Шестмина загинати и десетици повредени во ракетни напади во Украина денеска и...

Шестмина загинати и десетици повредени во ракетни напади во Украина денеска и вчера, напади и во Кијив

Фото: ukrinform.net

Кијив, главниот град на Украина денеска беше цел на ракетни напади од руските сили. Еден удар на ракета разурна станбена зграда, при што еден цивил загина, а уште најмалку четиримина се повредени – меѓу нив и дете. Нападите беа насочени на централното подрачје, при што една ракета падна и во дворот на детска градина, известува украинската државна новинска агенција ukrinform.net

Во други ракетни напади што се случиле денеска и вчера, според државната агенција, има уште најмалку петмина загинати.

Рано утрово во Кијив се слушнаа неколку експлозии. По ударот на ракетата во деветкатната станбена зграда во населбата Шевченкивскиј, биле делумно рззурнати 7-от, 8-от и 9-от кат и според сегашните сознанија едно лице загинало, а четири се повредени, вклучувајќи тука дете и неговата мајка.

Спасувачките служби попладнево изгаснале неколку пожари во зградата, а при расчистувањето на урнатините, се извлечени три лица

Во вчерашниот ракетен напад на цивилни објекти во градот Сами, пак, загинале четири лица, а девет се повредени, од кои двајца се во тешка состојба. Имено, вчера околу 20 часот, руските сили истрелале три ракети на автомеханичарски сервис и пералница за коли.

Во регионот Луханск, во изминативе 24 часа руските сили седум пати гаѓале населени места, при што има загинати и повредени цивили.

Вчера руските сили извршија артилериски и авионски напади на градот Лисичанск, откако го освоија неговиот брат-близнак Сиеверодонецк. Во нападите е разурната телевизиската кула, а во некои згради избил пожар.

Руските трупи денеска се обидуваат да ги опколат единиците на Украинските одбранбени сили во Лисичанск – градот-близнак на Сиеверодонецк, од кој е одвоен само од реката Сивериски Донец

Во руски ракетни напади во регионот Черкаси денеска загинало уште едно лице, а петмина се повредени.