Македонија СДСМ: Мора да проработи здравиот разум наместо нафтата на Мијалков

СДСМ: Мора да проработи здравиот разум наместо нафтата на Мијалков

Ѓорге Иванов да овозможи мирен трансфер на власта, наместо да штити криминалци, стои во утринското соопштение на СДСМ, од каде велат дека се потврдило „сценариото на Иванов и Никола Груевски за блокада на демократските процеси, поради криминални интереси“.

„Здравиот разум мора да проработи наместо нафтата на Мијалков. Слушнаа граѓаните дека шест милиони евра потрошил братучедот на Груевски, Сашо Мијалков во јануари и во март за да купи депо за нафта. Додека луѓето протестираат надвор, Мијалков ја купува „Ом петрол“, чиј управител е неговиот син! Протестите и блокадата на Собранието на Мијалков и Груевски се со цел да го шират богатството од нафтени складилишта и од повеќе бензиски пумпи. Цела домашна и меѓународна јавност гледаат што се случува! Никаков патриотизам не е во прашање – криминали се во прашање!

Од партијата потенцираат дека поради ова лидерите и институциите на Европската Унија, преку претседателот на Европскиот совет, Доналд Туск, побараа демократски начела, пристојност и здрав разум од Ѓорге Иванов.

„Никој не смее да го кочи заедништвото, кое е јасно нагласено и за напредувањето на Македонија кон членството во ЕУ и НАТО. Интергациите во Европската Унија и НАТО се стратешки определби на граѓаните и на Република Македонија. Реформските процеси се врвен приоритет во програмата на новата реформска влада на унитарна Македонија, која што обезбедува владеење на правото и квалитетен живот во едно општетство за сите граѓани. За заедништво, промени и правда се изјаснија над 700.000 граѓани на Македонија, чиишто гласови се преточени во 67 пратенички мандати“, велат од СДСМ.