Главна секција СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ со забетонирани ставови за изборот на собранискиот спикер

СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ со забетонирани ставови за изборот на собранискиот спикер

По изборот на Талат Џафери за собраниски спикер и по нередите и инцидентите во Собранието, ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ во своите редовни утрински соопштенија остануваат на своите партиски ставови за начинот на избор на претседателот на Собранието и за настаните што следуваа потоа.

„На парламентарното мнозинство треба да му биде овозможено да формира влада без понатамошно одложување. Тоа го очекува целата домашна јавност, а по ставот на САД, на тоа вчера повикаа и евроамбасадорот во земјава, Самуел Жбогар, и европратениците Вајгел, Флекенштајн и Кукан, олеснувачи на политичката криза во Македонија“, велат од СДСМ.

Според ВМРО-ДПМНЕ, пак, „СДС ја втурна Македонија во длабока политичка и правна криза“.

„СДС со обидот на нелегален начин да избере претседател на Собранието прави опасен правен преседан кој може да прерасне во практика. Брзајќи да ја реализира тиранската платформа, СДС изврши пуч во Собранието, ги разгневи граѓаните, директно предизвикувајќи го немилиот настан од четвртокот вечерта, со што ги стави своите и пратениците од другите партии, вклучително и на ВМРО-ДПМНЕ, во голема опасност“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.